Новак Ѓоковиќ успеа со многу мака и по епска битка од над 3 и пол часа да го победи одличниот Александер Зверев за ново полуфинале во Мелбурн на Отвореното првенство на Австралија.
Српскиот тенисер во стил на голем мајстор на тениската игра со ас од сервис го заврши мечот, што беше еден од најдобрите во Мелбурн и славеше со 6:7 (8), 6:2, 6:4, 7:6 (8).
Првиот сет му припадна на германскиот тенисер во тај-брејк со 8-6 во поени, а се играше еден час и една минута како најава за возбудувањата што следат.
Ѓоковиќ лесно израмни на 1:1 откако го доби вториот сет со 6:2, а потоа приреди вистинско чудо. Успеа да се врати од негатива од 1:4 и со пет игри по ред го доби и третит сет со 6:4.
Повторно имаше многу битка, пресврти и во последниот сет. Зверев повторно поведе со 3:0 и не успеа да ја задржи предноста од еден брејк.
Ѓоковиќ успеа повторно да се врати во ритам во меч во кој изненадувачки сервираше дури 23 аса, а со директен поен од севрис и го заврши мечот.
Ривал за нов настап во финалето на турнирот на кој е рекордер со 8 титули ќе му биде рускиот тенисер Аслан Каратсев, по триумфот од 3:1 против Григор Димитров.