Фудбалерите на Бока јуниорс го совладаа тимот на Ривер плејт на „Монументал“ со 0-1 во натпревар од 14-тото коло на аргентинската Апертура.
Суперкласико број 266 донесе сè што може да се очекува од најинтензивното фудбалско ривалство во светот, неверојатна атмосфера на трибините исполнети со повеќе од 85.000 навивачи на Ривер и голема борба на теренот на најголемиот стадион во Јужна Америка.
Освен јаловата теренска иницијатива на Милионерите во поголемиот дел од првото полувреме, не видовме многу до клучниот момент во завршницата на тој дел од играта.
Одлична топка испрати Леандро Паредес кон Мерентиел, кој при обидот да шутира кон голот на Белтран погоди со топката во рака фудбалер на Ривер, по што судијата доби сигнал од ВАР-собата и досуди пенал.
Одговорноста ја презеде капитенот Леандро Паредес, кој сигурно го реализира ударот од белата точка, а со својата препознатлива прослава се обиде да ги „замолкне“ навивачите на најголемиот ривал, кои не штедеа навреди.
Тоа донекаде го отвори натпреварот бидејќи тимот на Едуардо Куде мораше да заигра многу поофанзивно, но без успех. Видовме и еден убав „тунел“ кога Мерентиел му ја протна топката низ нозете на еден играч на Ривер, што дополнително ги налути домашните навивачи.
Ривер тргна на сè или ништо, се обидуваше преку Дриуси и Морено, но промена на резултатот немаше, а натпреварот заврши дури со 11 жолти картони.
Овој пораз нема значително да ги наруши плановите на Ривер, кој ја задржа втората позиција во групата Б со 26 бода, додека Бока се искачи на третото место во групата А со 24 бода.

