Ешли Барти од денес и официјално e прва тенисерка во светот

Шампионката на Ролан Гарос за 2019 година, Ешли Барти, од денес и официјално е прва тенисерка на ВТА ранкингот сo 6.540 бода. Таа е 27-ма различна натпреварувачка која го достигнала врвот на оваа листа, а воедно е втора Австралијанка која остварила ваков успех по Ивон Гулангонг во 1976 година.

Барти до водечкото место на ВТА стигна по освојувањето на турнирот во Бирминген, кој воедно е шести трофеј во нејзината кариера. На тој начин го прекина 21-неделното владеење на Наоми Осака, која сега е втора најдобра тенисерка со 6.377 бода.

Следуваат Каролина Плишкова, Кики Бертенс, Анџелика Кербер, Петра Квитова, Симона Халеп, Јелина Свитолина, Слоун Стивенс и Арина Сабаленка.

Што се однесува на распоредот во машка конкуренција, Новак Ѓоковиќ е лидер и во 257-та последователна недела, додека Рафаел Надал му се доближи на Србинот по освоениот Ролан Гарос. Ѓоковиќ остана без 300 бода и не го бранеше пехарот во Квинс, но и натаму има убедливи 12.415 бода, додека Шпанецот на второто место стои со 7.945. Трет е Роџер Федерер, а по вчерашната 10-та титула во Хале, Швајцарецот го зголеми своето конто за 200 бода и сега има 6.620.

Позади „големата тројка“ на своите позиции останаа Доминик Тим, Александер Зверев, Стефанос Циципас, Кеј Нишикори, Кевин Андерсон, Карен Хачанов и Фабио Фоњини.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести