Екипата на Еуро Никел од Кавадарци забележа неверојатна победа од 67-106 на гостински терен против Гостивар, со што им го нанесе највисокиот пораз откако е формиран клубот во 2017-тата година. Кавадарчани имаа предност во текот на целиот натпревар, на полувремето имаа +16, после третиот период таа разлика порасна на +20, додека само последната четвртина заврши со неверојатни 13-32 во корист на Еуро Никел.
Во редовите на Еуро Никел имаше дури шест двоцифрени кошаркари, а најефикасен беше американецот Мекеван со 17 поени, а еден помалку постигна Соколов.
Кошаркарите на Кожув очекувано победија на домашен терен против дебитантот во прволигашката конкуренција, Охрид, со 96-69. Гевгеличани победата ја обезбедија во првото полувреме, откако првата четвртина ја добија со +10, а втората со двојно повеќе, +20, за огромни 54-24 на полувремето.
Екипата на Еуро Никел е единствената максимална после три кола, но можност за таков ефект ќе има и МЗТ Скопје, кој во среда ќе го одигра мечот од третото прволигашко коло против Пелистер на гости.