Европскиот првак далеку од Светското првенство

Репрезентацијата на Словенија која пред една година ги воодушеви љубителите на кошарката со освојување на европската титула, во квалификациите за Светското првенство во Кина бележи слаби резултати, и најверојатно Мундобаскетот ќе мине без актуелниот европски првак. Неиграњето на Горан Драгиќ и Лука Дончиќ, се покажува како преголем хендикеп.

Словенија загуби од Летонија и сега е последна во групата И. Иако треба да се одиграат уште пет кола, сепак Словенците во моментов имаат дури три победи помалку од третата Летонија и втората Турција, а првите три селекции од секоја група одат на СП.

Работите во групата И се искомпликуваа со неочекуваната победа на Украина во Киев над лидерот Шпанија. Шпанците немаа пораз во претходната фаза.

Хрватите во Осиек, загубија од Литванија која не знае за пораз. И Хрватска е последна во својата група, но уште има реална шанса да се најде на СП. Бојан Богдановиќ стана прв стрелец во историјата на хрватската репрезентација, надминувајќи го досегашниот лидер Дино Раѓа. Бојан осум години игра за националниот тим, познат е како еден од подобрите европски поентери.

За истакнување се оние 18 тројки од 28 обиди кои ги погоди Италија. Полјаците дадоа 12 тројки во ова шутерско шоу, но немаа шанси против „аѕурите“ кај кои Амедео Дела Вале, даде 8 тројки.

Резултати од вечерашните натпревари: Украина – Шпанија 76:65, Летонија – Словенија 85:74, Турција – Црна Гора 79:69, Холандија – Унгаријав 59:74, Хрватска – Литванија 83:84, Италија – Полска 101:82.

- Оглас -

Најнови вести