Фенер го згасна Реал – Кралскиот клуб едвај даде над 50 поени, во две четвртини не можеа да ја минат десетката (Видео)

Фенербахче го победи Реал Мадрид со 66:51 во меч што Кралскиот клуб ќе сака што побрзо да го заборави.

Најтрофејниот кошаркарски клуб во Европа едвај ја мина границата од 50 поени, а во првите две четвртини не успеа да ја мине двоцифрената граница.

Гостите постигнаа 8, односно 9 поени во првата и во втората четвртина, што досега никогаш не им се случило во меч од Евролигата.

Првото полувреме заврши со чуден резултат 27:17 за Фенербахче во едно од најнеефикасните полувремиња во историјата на Евролигата.

Домаќините го искористија моментот, ја добија и третата четвртина со 21:13 и стигнаа до недостижни 18 поени разлика пред стартот на последниот период.

Реал се обиде да се врати во игра, но успеа само да го ублажи поразот на 15 поени разлика.

Интересно е што и со ваков пораз, Тавареш од Реал беше најефикасен на мечот со 14 поени, а Љуљ беше веднаш зад него со 12, колку што постигна и првиот стрелец кај Фенер, Гудуриќ.

Во вториот меч што се одигра вечерва во Евролигата, Милано го победи Жалгирис на гости со 74:70.

 

- Оглас -

Најнови вести