Фетел се чуди на одлуката, Хамилтон беше загрижен за навивачите

Немаше услови да се одржи трката за Големата награда на Белгија поради поројните дождови кои ја потопија патеката „Спа“, по што беше донесена несекојдневна одлука да се извозат само три круга зад безбедносното возило три часа и 15 минути подоцна од предвидениот термин. Тоа беше доволно за да се поделат бодовите на првите 10-мина возачи според пласманот на возачите од квалификациите, половично од нивната вредност при нормални услови.

Според Себастијан Фетел, одлуката не беше фер, иако тој трката ја заврши на петтото место.

„Не знам што направивме за да заслужиме бодови. Доколку сакаат да ни дадат бодови за пласманите на квалификациите, тогаш нека воведат такво правило. Оваа одлука мора да е шега“, прокоментира Фетел, па се надоврза на неповолните услови поради кои трката не се одржа.

„Навистина беше тешко да се следи ситуацијата при возење. Бев петти и речиси ништо не можев да видам што се случува, светлото за кочење речиси да не се познаваше, а можам да замислам како им било на возачите зад мене“, додаде Фетел.

На Хамилтон најмногу му падна тешко за навивачите кои останаа до крај за да ги видат своите миленици и покрај тоа што буквално истураше дожд.

„Многу ми е жал за навивачите бидејќи никој не е виновен за времето. Тие останаа со нас до самиот крај, се надеваа на потенцијална трка, што беше неверојатно од нивна страна. И тие знаеја дека нема услови за трка. Навистина се надевам дека ќе им ги вратат парите од билетите“, посочи актуелниот светски шампион.

Макс Ферстапен е победник по шести пат сезонава, со второто место Џорџ Расел избори најдобар пласман во втората кариера, додека светскиот првак Луис Хамилтон заврши на третото место.

- Оглас -

Најнови вести