ФФМ објасни зошто не му врачи отказ на Милевски

Управниот одбор на Фудбалската федерација на Македонија на денешната седница одлучи Благоја Милевски да остане на селектор и да ја води репрезентацијата во квалификациите за ЕП 2024 до истекот на неговиот договор.

ФФМ објасни дека поради краткото време за претстојните натпревари од квалификациите, во септември фудбалерите треба да играат со Италија и со Малта, во октомври со Украина, а во ноември се последните два дуела против Аѕурите и Англија, Федерацијата не успеала да најде соодветно решение за селекторското столче.

Исто така, влијание во ваквата одлука на УО на ФФМ имало и тоа што договорот на Милевски истекува во ноември годинава, кога ќе завршат и квалификациите за ЕП 2024.

„Управниот одбор на Фудбалската федерација на Македонија на денешната седница дискутираше во однос на работата и постигнатите резултати на македонската А репрезентација во квалификациите за ЕП 2024 под водство на селекторот, Благоја Милевски.

Управниот одбор на ФФМ го почитува начелото „на стара слава не се живее“. Незадоволство од постигнатите резултати е впечатокот кој го делат и членовите кои одлучуваат за избор на селектор на националниот тим.

Меѓутоа, имајќи ги предвид околностите во групата во која се наоѓа македонската А репрезентација во квалификациите за ЕП 2024, распоредот на натпревари кои следуваат и релативно краткото време до завршување на договорот со актуелниот селектор, е на ставот Благоја Милевски да продолжи со работа во националниот А тим. Договорот на селекторот трае до ноември 2023 година.

Како што е убаво кога се победува, така е тешко кога се губи. ФФМ во следниот период ќе го даде најдоброто решение за репрезентацијата“, стои во објавата на ФФМ.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести