ФИФА му изрече суспензија на Самуел Ето за следење репрезентативни натпревари

Претседателот на Фудбалската федерација на Камерун, Самуел Ето (43), доби суспензија за присуство на натпревари на националниот тим во наредните шест месеци поради прекршување на дисциплинските регулативи на ФИФА, објави Светската фудбалска организација.

На поранешниот напаѓач на Барселона, кој е прв човек на камерунскиот фудбал од 2021 година, ќе му биде забрането да присуствува на сите натпревари на машките и женските национални селекции од сите возрасни категории.

„Санкцијата беше изречена во врска со натпреварот од осминафиналето на Светското првенство за жени до 20 години помеѓу Бразил и Камерун, одигран во Богота, Колумбија, на 11 септември 2024 година“, соопшти ФИФА.

Детали за инцидентот не беа откриени од Дисциплинската комисија на ФИФА. Во соопштението се наведува дека Ето е прогласен за виновен за „навредливо однесување и прекршување на принципите на фер игра“, како и за „непристојно однесување“ кон официјални лица.

Оваа суспензија од ФИФА следува по казната што му беше изречена од Африканската фудбалска конфедерација (CAF) пред помалку од три месеци поради наводни прекршувања на нејзините етички стандарди.

- Оглас -

Најнови вести