Помалку од еден месец останува до моментот кога Македонија ќе ги дознае ривалите во квалификациите за пласман на Светското првенство кое ќе се игра во 2026 година во САД, Канада и Мексико. Според распоредот, ждрепката ќе биде на 13 декември, а англискиот весник „Гардијан“ најавува дека ќе има интересна новост.
Првиот човек на Светската фудбалска федерација, Џани Инфантино, одлучи за првпат ждрепката да се одржи онлајн. Во изминативе децении ждрепката се вршеше рачно, а сега ова е една голема новост.
Онлајн ќе биде одржувањето и на вонредниот конгрес на ФИФА, кој е закажан за 11 декември. На тој конгрес ќе биде потврдено дека Саудиска Арабија ја добива организацијата на Светското првенство во 2034 година, и тоа со акламација, а не како што досега се правеше, со гласање.
Причините за овој невиден потег сè да биде направено онлајн е тоа што првиот човек на ФИФА, Инфантино, сака да избегне секакво преиспитување на контроверзната одлука за доделување на СП 2034 на Саудиска Арабија без глас, како и организацијата на Светското клупско првенство следната година.
Gianni Infantino to dodge spotlight with 2026 World Cup draw held virtually https://t.co/mLtXQO4RLP
— Guardian sport (@guardian_sport) November 13, 2024
Во минатото, ждрепката за квалификациите за големите натпреварувања била голем настан на којшто учествувале многу луѓе, но овојпат нема да биде така.
Во европските квалификации ќе бидат сите 55 членки на УЕФА, а ќе бидат поделени: седум групи со по пет селекции и пет групи со четири репрезентации. Селекциите кои ќе бидат во групите со по пет репрезентации, квалификациите ќе ги започнат во март 2025 година, додека оние групи во кои ќе има само четири земји, квалификациите ќе ги стартуваат дури во септември следната година. Македонија ќе биде сместена во третиот шешир по јачина.