Церемонијата на доделување на „Златната топка“, одржана кон крајот на октомври во Париз, сè уште предизвикува реакции во јавноста, а денеска еден од новинарите поднесе оставка на своето место во жирито за избор на најпрестижната награда во светскиот фудбал.
Родри ја освои „Златната топка“ пред Винисиус јуниор, што предизвика големи контроверзи, па делегацијата на Реал Мадрид одлучи да не присуствува на церемонијата, при што од клубот изјавија дека за нив оваа награда повеќе не постои.
Еден од новинарите кој не му додели ниту еден бод на Винисиус беше Финецот Јуха Канерва, кој денеска ја призна својата грешка и поднесе оставка од жирито за „Златната топка“.
Канерва беше под голем притисок поради својот начин на гласање и призна дека „целосно заборавил на Винисиус“ и направил „техничка грешка“ при гласањето.
„Тоа е моја техничка грешка. Поднесувам оставка од моето место во жирито за Златната топка“, кусо објави Канерва преку социјалната мрежа „Икс“.
Канерва беше еден од тројцата новинари кои не го вклучија Винисиус јуниор на својата листа на играчи за кои доделуваат бодови.
Канерва му даде максимални 15 бода на Родри, 12 на Халанд, 10 на Белингам, а 8 на Крос. Неговите бодови ги добија уште шестмина фудбалери, но меѓу нив го немаше Винисиус, додека, на пример, Адемола Лукман доби два бода.