Формула 1 објави одлука за поместување на трката поради невреме

Челниците на Формула 1 донесоа невообичаена одлука трката за Големата награда на Мајами да биде поместена три часа порано, со цел да се избегне грмотевично невреме кое може да ја загрози трката. Наместо во 16 часот по локално време, трката на Флорида ќе започне во 13 часот, односно во 19 часот по средноевропско време.

Последните две трки во Формула 1, Големите награди на Саудиска Арабија и Бахреин, беа откажани поради политичката ситуација на Блискиот Исток, па љубителите на спортот со нетрпение го очекуваат продолжението на сезоната во Мајами. Токму затоа најавите за бура на Флорида предизвикаа загриженост дека би можела да биде откажана и трета трка по ред.

Одлуката за порано започнување на трката во Мајами ја донесоа заеднички ФИА и Формула 1 Менаџмент, по саботните квалификации. Во заедничкото соопштение од ФИА, Формула 1 и организаторите на Големата награда на Мајами се наведува дека безбедноста е апсолутен приоритет.

„Одлучено е почетокот на неделната Голема награда на Мајами да се помести на 13 часот по локално време. Оваа одлука е донесена со цел да се намали можноста за прекин на трката и да се обезбеди што поголем временски прозорец за нејзино завршување во најдобри можни услови, ставајќи ја безбедноста на возачите, навивачите, тимовите и персоналот на прво место“, стои во соопштението.

Ризикот од грмотевици е особено висок на Флорида, каде локалните закони наложуваат големите настани да бидат прекинати или откажани при појава на молњи. Бидејќи невремето е најавено веќе од 15 часот, трката беше поместена, а тимовите беа информирани и се согласија со одлуката.

Промената на термин претставува дополнителен притисок за тинејџерската сензација Кими Антонели, кој ќе стартува од пол-позиција трет пат по ред.

Деветнаесетгодишниот возач на Мерцедес е главна тема на тркачкиот викенд и се наметнува како сериозен кандидат во борбата за титулата.

До него во првиот стартен ред ќе биде Макс Ферстапен, кој изгледа повторно ја пронашол својата форма. Возачот на Ред Бул, кој на почетокот од сезоната имаше проблеми со перформансите на болидот, сега е во нагорна линија.

- Оглас -

Најнови вести