Фудбалерите на Шалке 04 и официјално обезбедија враќање во Бундеслигата по три години пауза, откако вечерва на преполната „Фелтинс Арена“ ја совладаа Фортуна Диселдорф со минимални 1-0.
Тимот предводен од клупата од Мирон Муслиќ ја заокружи сезоната на начин каков што навивачите го посакуваа, иако целата година беше далеку од лесна и полна со подеми и падови.
Еден од клучните моменти во сезоната беше зимското засилување со доаѓањето на Един Џеко, кој внесе искуство, стабилност и дополнителен квалитет во нападот на „рударите“.
Шалке започна агресивно и офанзивно, што брзо се исплатеше. Во 15-тата минута Аушиш убаво нафрли, а Кенан Караман најдобро се снајде во петерецот и го донесе водството за ерупција на трибините.
Само две минути подоцна домаќините беа блиску до втор гол, но шутот од слободен удар на Аушиш заврши во стативата.
Во второто полувреме Фортуна се обиде да се врати, а најголемата шанса ја имаше во 59-та минута преку Апелкамп, но голманот Лорис Кариус реагираше одлично.
Шалке возврати преку брз против, а Караман повторно беше во центарот на вниманието, но неговиот удар го одбрани голманот Кастенмајер. Во 68-та минута навивачите го поздравија враќањето на Един Џеко по повредата, што дополнително ја крена атмосферата.
До крајот Караман пропушти уште една стопроцентна шанса во 89-та минута, но резултатот остана непроменет, 1-0.
Со оваа победа Шалке стигна до 67 бодови на две кола пред крајот, девет повеќе од второпласираниот Падерборн, што значи дека камбекот во елитата е и математички обезбеден.

