Фудбалот останува посиромашен за една легенда: Фабрегас ги закачи копачките на клин и почнува тренерска кариера

Легендарниот шпански фудбалер од средниот ред, Сеск Фабрегас, одлучи да стави крај на играчката фудбалска кариера и веднаш да започне тренерска. Тој во пензија оди како фудбалер на италијанскиот второлигаш Комо.

– “Со голема тага ве известувам дека дојде време да ги обесам копачките на клин. Го ценам секој момент, од раните денови во Барселона, преку Арсенал, враќањето во Блауграна, Челзи, Монако и на крајот во Комо. Од Светското првенство, преку Европското првенство, победите во Англија и Шпанија, освојувањето на европските трофеи. Беше тоа патување кое никогаш нема да го заборавам. Сакам да се заблагодарам на сите кои ми помогнаа, на моите соиграчи, тренерите, директорите, претседателите, навивачите и мојот агент. Потоа на целото мое семејство, родителите, сестра ми, сопругата и децата, кои секогаш ми даваа совети и ми беа патоказ. Сакам да се заблагодарам и на моите противници со кои водев големи битки на теренот, ви благодарам што ме направивте појак. Имам многу незаборавни спомени и стекнав пријатели на својот пат, вредеше само заради тоа. Исто така научив три јазици и растев и созревав на моите патувања. Имав искуства за кои не мислев дека ниту ќе им се приближам ни за милион години. Но не сум тажен, бидејќи тргнувам на нов пат, ќе ја тренирам младинската екипа на Комо во Примавера. Ова е клуб и проект од кој сум воодушевен. Оваа екипа ми го освои срцето од првата минута, се сретнавме во совршен момент од мојата кариера. Ќе дадам се од себе и во новата авантура. После 20 неверојатни години исполнети со одрекувања, радост и страст, дојде време уште еднаш да му се заблагодарам на најубавиот спорт на светот. Уживав во секоја минута.“ – напиша Сеск Фабрегас.

Каталонецот своите први чекори ги имаше во младинските категории на Барселона, но пред да стигне во првата екипа направи трансфер во Арсенал. Потоа Барселона го откупи и го врати на Ноу Камп. Следуваше нов трансфер во Лондон, но овојпат во Челзи. Од Челзи се пресели во Монако, а последните години од играчката кариера ги мина во Комо. За репрезентацијата на Шпанија одигра 110 натпревари.

Фабрегас во својата кариера освои вкупно 15 трофеи. Со Арсенал по еднаш тримфираше во ФА Купот и Супер купот. Во Барселона освои по еден трофеј во Ла Лига, Купот на Шпанија, Супер купот на Европа и светското клупско првенство, како и два пехари од Супер купот на Шпанија. Во Челзи се радуваше на освојувањето на два пехари во Премиер лигата и еден во ФА Купот, додека со репрезентацијата на Шпанија стана Светски шампион во 2010-тата година, и европски шампион во 2008-мата и 2010-тата година.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести