Македонската фудбалска А репрезентација почна да се собира пред подготовките за двата дуела од Лигата на нациите. Играчите еден по еден пристигнуваат во хотелот „Дабл три Хилтон“, а таму ги пречекува селекторот Благоја Милевски со членовите на стручниот штаб.
Тука е и новото лице во тимот, некогашниот младински репрезентативец Сефер Емини. Поранешниот фудбалер на Македонија Ѓорче Петров, кој сега игра во Данска, го чека дебито за сениорската репрезентација на Македонија.
В четврток, во Скопје, Македонија ја пречекува Летонија, а в недела сме домаќини против Фарски Острови. Две победи ќе значат прво место и напредување во Лига Б од Лигата на нациите, но можеби и место во баражите за Мундијалот 2026.