Ракометната репрезентација на Македонија за играчи до 20 години имаше одличен старт на Европското првенство во Словенија откако на првиот натпревар ја совлада Црна Гора со 31-21.
Победата на избраниците на селекторот Раде Стојановиќ беше најавена уште во првото полувреме, кое Македонија го доби со 12-5. Во второто полувреме шанса за настап добија сите ракометари, но и покрај тоа, предноста постојано растеше и на крајот нашите момци сосема заслужено победија со двоцифрена разлика.
Димитар Узунчев со осум погодоци беше најефикасен во нашата селекција, додека Дамјан Субашевски и Мирче Калајџиески постигнаа по пет гола.
Македонија утре за противник ќе ја има Хрватска, додека во сабота играме против Австрија. Пласман во четвртфиналето обезбедуваат победниците на шесте групи, како и двете најдобри второпласирани репрезентации.