Фуриозни 10 минути на Академија Пандев, финалето во Купот се насмевнува

Академија Пандев победи во првиот меч од полуфиналната пресметка против Победа со 3:1, во Купот на Македонија и се на добар пат да обезбедат место во историско прво финале за нив. Струмичани одиграа фуриозни 10 минути во периодот од 53 до 63 минута, период во кој дадоа три погодоци.

Откако во првото полувреме немаше голови, домаќините заиграа многу поофанзивно во вториот дел, а тоа им се исплатеше. Стојанче Велинов се најде на 10-тина метри од голот на Победа и успеа да го совлада голманот Дарко Тофилоски.

Само 60-тина секунди по првиот гол, нова радост за домаќините. Даниел Миловановиќ кој во второто полувреме влезе во игра, зголеми на 2:0. Победа тргна да даде гол за намалување на негативата, а тоа го истористија играчите на Академија Пандев. По еден брз контра напад, Миловановиќ излезе сам пред голманот Тофилоски, кој успеа да погоди за 3:0.

За реваншот да биде поинтересен се погрижија гостите. Во 81 минута, Французинот Јаник Макота погоди за 3:1. Реванш мечот ќе се игра на 10 април, кога Победа на свој терен ќе се обиде да ја достигне негативата.

Во вториот полуфинален двомеч, Македонија Ѓорче Петров има предност од 1:0 во дуелот со Беласица и реваншот го игра пред своите навивачи.

- Оглас -

Најнови вести