Македонскиот првак Еурофарм Пелистер остана без тренер по поразот од Загреб во Лигата на шампионите. Шпанскиот стратег Рубен Гарабаја поднесе оставка, која раководството веднаш ја прифати.
Формата на Пелистер оваа сезона е под очекувањата, а настаните и во домашното првенство и во европските натпреварувања доведоа до разделба меѓу клубот и Гарабаја по взаемен договор. Шпанецот пристигна во Битола годинава и успеа да го предводи тимот до трофејот во Суперкупот.
Гарабаја ја презеде тренерската позиција од Раул Алонсо, кој пред тоа се пресели во германската Бундеслига.
„Сакам да потенцирам дека по натпреварот со Алкалоид не почувствував поддршка од амбиентот. Очекував реакција во Загреб, но со оглед на тоа што таа реакција не дојде, се одлучив да ја понудам мојата оставка. Сметам дека моето заминување во овој момент ќе предизвика позитивна реакција кај тимот и кај ракометарите. Сакам да им се заблагодарам на сите ракометари, со кои имам одличен однос, и да им посакам успех во продолжението на сезоната. Голема благодарност до клубот за ова мое искуство и многу среќа во иднина“, изјави Гарабаја.
По ова, одлуката на клубот е директорот Звонко Шундовски да ја преземе работата со тимот, па останува да се види дали тоа ќе биде привремено или постојано решение.

