На неколку часа до почеток на дуелот меѓу Босна и Херцеговина и Италија, селекторот на некогашниот светски и европски првак, Џенаро Гатузо, вели дека чувствува притисок како никогаш досега и тоа поради важноста на средбата. Во Зеница на „Билино поле“, Босна и Херцеговина е домаќин на Италија, а победникот ќе обезбеди место на Светското првенство кое ова лето ќе се игра во САД, Канада и Мексико.
„Ова е поинаков вид притисок од тој што сум го имал кога сум се подготвувал за мечеви во Лигата на шампионите или Светско првенство кога бев играч. Тука чувствувам таков притисок како целата држава да ја имам на моите раменици. Многу полесно ми беше кога бев како играч отколку сега. Имам целосна поддршка и од семејството и тоа е многу важно“, рече Гатузо, кој додаде дека Босна и Херцеговина има силна репрезентација, но секако дека и тие имаат слаби страни кои Аѕурите ќе се обидат да ги искористат и да стигнат до победа.
Гатузо очекува дека БиХ во првите 10-15 минути ќе започне многу офанзивно и Италија ќе се обиде да го издржи тој притисок, а потоа да стигнат до единствената цел која е за нив зацртана, а тоа е пласман на Светско првенство 2026.

