Георгиевски: Има возбуда, но сме играле на ЕП, знаеме што носи вакво големо натпреварување

Македонската ракометна репрезентација „тајно“ се подготвува за претстојното Европско првенство, после одличната вест дека сите во тимот се негативни на тестирањето за коронавирус, контактите со надворешноста ги сведоа на минимум, со надеж дека исти такви резултати ќе има и в понеделник, на последното тестирање пред заминувањето за Дебрецин.

Крилото Гоце Георгиевски е еден од поискусните поединци во македонската репрезентација, и свесен е што го чека националниот тим на трите меча од групната фаза.

„Нормално е пред секое големо натпреварување да има возбуда, поголем број од нас репрезентативците имаме искуство со настапите на европските првенства, знаеме што носи и што бара едно вакво големо натпреварување. Јас сум оптимист, можам да кажам дека доста добро се работи на тренинзите, имаме добра атмосфера и ако успееме тоа од тренинзите да го пренесеме на натпреварите, ќе бидеме на добар пат да се надеваме на добар резултат“ – вели Георгиевски.

Популарнинот Џомба ги анализира и противниците со кои Македонија ќе се сретне на 13-ти, 15-ти и 17-ти јануари во унгарскиот град Дебрецин.

„Многу пати сме ги одмерувале силите, противниците ни се познати. Првиот натпревар против Словенија е дуел каде што тие се фаворити и притисокот ќе биде на нивна страна, треба да влеземе во натпреварот ослободени од резултатот, а од друга страна да имаме максимален фокус, да ги исполниме задачите кои ќе ни бидат дадени. Се надевам на позитивен резултат. Црна Гора е екипа што има квалитетни играчи, борбена репрезентација се, и секогаш играат и повеќе од своите можности. Ќе биде интересен натпревар од причина што и тие и ние знаеме дека најголемата шанса за бодови е овој натпревар. За Данска не треба да се трошат зборови, против таква репрезентација треба да одиграш безгрешно во текот на целиот натпревар, за да се надеваш на добар резултат. Ние тоа го демонстриравме во Скопје во квалификациите и покажавме дека не се непобедливи. Јасно е дека тие се фаворити, не само во оваа група, туку и на првенството“ – смета Георгиевски.

- Оглас -

Најнови вести