Гигантите тријат раце, Халанд има прифатлива клаузула

Ерлинг Браут Халанд, младиот голгетер на Салцбург, ја воодушеви целата фудбалска јавност со својот талент откако стартуваше новата сезона, па не залудно неговата вредност порасна петпати повеќе за неполна година. Според „Трансфермаркт“, веб-страницата која се занимава со статистика и сè останато што е поврзано со фудбалот, Халанд моментално вреди 30 милиони евра, а Црвените бикови и да сакаат, не може да го продадат за поголема сума поради што наводно имало фиксна клаузула во неговиот договор, открива германски „Спорт Билд“.

Како никој во Салцбург да не очекувал дека Халанд ќе прерасне во толку врвен фудбалер, иако има само 19 години, па му ставиле клаузула во договорот од 30 милиони евра, исто колку што вреди на трансфер-пазарот. Таа клаузула ќе биде активна само идното лето, што значи дека гигантите ќе се тепаат од јуни до септември за да ги придобијат услугите на Норвежанецот.

Секој ден листата на клубови се проширува, будно следат очите на Барселона, Реал Мадрид, Ливерпул, Манчестер јунајтед, Баерн Минхен, Лајпциг, Јувентус и уште многу други. За нив е добро што ќе нема наддавање за Халанд, туку тој сам ќе може да бира чиј дрес ќе облече во иднина.

Во таборот на Салцбург дефинитивно жалат за поставената клаузула, но барем ќе остварат солидна заработка ако се знае дека од Молде го откупија за само пет милиони евра во изминатиот зимски преоден рок.

- Оглас -

Најнови вести