По вчерашниот транспарент на навивачите на Тиквеш денеска во јавноста се огласи првиот човек на клубот, Митко Јанчев.
Јанчев во своето обраќање преку социјалните мрежи се огради од критиките на навивачите упатени кон федерацијата, порачувајќи дека тој и клубот имаа одлична соработка со претседателот Масар Омерагиќ.
„Како градоначалник на општина Кавадарци која е доминантен сопственик на ГФК ТИКВЕШ, во изминатите години клубот го водиме кон успех кој се издвојува преку влегувањето во првата македонска лига, опстанок во истата, излегувањето во европската лига, како и враќањето на спортскиот фудбалски дух во нашето Кавадарци.
Како градоначалник и доминантен сопственик на клубот се оградувам и најостро го осудувам нападот кон ФФМ и најодговорно и професионално тврдам дека ниту една политичка партија ниту пак функционер досега нема никакво влијание во работењето на ФФМ и спортските клубови, односно ГФК ТИКВЕШ 1930 Кавадарци.
Помеѓу ФФМ, ГФК ТИКВЕШ и Митко Јанчев има одлични релации и соработка како во професионалниот дел така и во подигање на спортската култура во градот и младинските категории. Досега заедно со претседателот на ФФМ г-динот Масар Омерагиќ не сме имале никакви недоразбирања туку секогаш сме дејствувале исклучиво во интерес на фудбалот.
Се оградуваме и ги осудуваме сите навреди упатени кон ФФМ и кон клубот, од страна на поединци кои што се дел од фудбалските клубови во првата македонска фудбалска лига. Како доминантен сопственик заедно со останатите акционери ќе ја разгледаме потребата и можноста за промени како во стручниот штаб така и во самата управа на клубот.
Познати по нашата спортска транспарентност, квалитет и успешност пред се пред својата кавадаречка публика претставувајќи ги боите на ГФК ТИКВЕШ ќе продолжиме со крената глава кон нови спортски успеси, чесно и поштено!“, се вели во објавата на Митко Јанчев.

