Германскиот гигант Баерн Минхен официјално го претстави новиот домашен дрес, а според првичните реакции, навивачите се воодушевени. Баварскиот клуб и „Адидас“ повторно понудија дизајн што ја спојува традицијата со модерни елементи, а тимот многу брзо ќе го претстави на најголемата сцена.
Новиот дрес така веднаш ќе доживее „огнено крштевање“ во натпревар што ќе одлучи кој ќе патува во финалето на најпрестижното европско натпреварување. Навивачите позитивно реагираа на дизајнот, а дресот веќе е достапен за купување во официјалната продавница на клубот.

Премиерата на новата гарнитура ќе се случи на еден од најважните натпревари во сезоната. Клубот потврди дека екипата во новите дресови ќе истрча веќе во среда, во реванш-натпреварот од полуфиналето во Лига на шампиони против Пари Сен Жермен. Средбата е закажана во 21 часот на „Алијанц Арена“, каде што се очекува вистински спектакл пред полни трибини.
Новиот дрес е продолжение на една од најдолготрајните соработки во светот на спортот. Поврзаноста меѓу Баерн и „Адидас“ датира уште од 60-тите години на минатиот век, а партнерството со текот на времето само се продлабочуваше. „Адидас“ не е само технички спонзор, туку и акционер во клубот со удел од 8,33 проценти, што дополнително ја потврдува стабилноста и длабочината на оваа врска.

