Младата и талентирана борачка Изабела Цепак официјално станува дел од македонското спортско семејство и ќе ги брани боите на Македонија во борење на претстојните меѓународни натпреварувања, соопшти денеска Олимпискиот комитет на Македонија.
Таа доаѓа со одлично искуство и забележителни резултати од САД, каде што настапувајќи за средното училиште „Саут Лајон Ист“ во Мичиген забележа импресивна сезона со 33 победи – од кои дури 29 со туш. Нејзиниот квалитет е потврден и со бројните државни и регионални признанија кои ги освои минатата година, вклучувајќи државно првенство во Мичиген (прво место) и второ место на национален турнир.
Во своето прво официјално интервју за македонската јавност, Цепак ги истакна своите високи амбиции и посветеноста кон остварување врвни резултати. Таа потенцираше дека нејзиниот фокус е ставен на интензивните технички и кондициски тренинзи, како и на менталната подготовка, дисциплината и превенцијата од повреди со цел остварување на јасните краткорочни и долгорочни цели.
„Со нетрпение очекувам нови предизвици и медали под македонското знаме. Ќе дадам сè од себе за да ја претставам Македонија со гордост,“ изјави Цепак, изразувајќи голема благодарност до тренерскиот тим и навивачите за поддршката.

