Гигантите збудалеа по новата бразилска сензација, Реал тргнува по потписот со 16-годишниот играч кој е фузија на Роналдо и Ромарио (Видео)

Младиот 16-годишен напаѓач на Палмеирас, Ендрик Фелипе Мореира де Соуса, е новото фудбалско бразилско чудо на кое сите му прогнозираат голема кариера, а европските гиганти веќе почнаа да се тепаат за него.

Ендрик, кој на 21 јули го потпиша првиот професионален договор, утринава на натпреварот против Атлетико Паранаенсе влезе во историјата на Палмеирас станувајќи најмладиот фудбалер што постигнал гол во зелениот дрес. Тој во 69-тата минута му донесе предност на Палмеирас која подоцна беше преточена во победа од 1:3, а Ендрик со 16 години и 96 дена се запиша во историските книги на славниот бразилски клуб.

 

Многумина го сметаат за најголемиот бразилски талент во моментов, а експертите велат дека според движењата и дриблинзите, тој е фузија на Роналдо и Ромарио и веќе го привлече вниманието на најголемите европски клубови кои во блиска иднина нема да го добијат. Бразилските медиуми најавуваат дека големите европски клубови деновиве ќе испраќаат скаути на натпреварите на Палмеирас бидејќи се очекува младиот напаѓач да добива сè поголема минутажа.

Ендрик потпиша договор со Палмеирас до 2026 година, а откупната клаузула изнесува 60 милиони евра, сума која нема да претставува проблем за гигантите, но затоа проблем ќе бидат годините на фудбалерот.

Имено, според бразилските правила, меѓународни трансфери за играчи помлади од 18 години се забранети. Но, екипите можат и претходно да го договорат трансферот и да чекаат до 2024 година, а според „Марка“, во пол-позиција се наоѓа Реал Мадрид, чиј претседател Флорентино Перес веќе го подготвува теренот за трансфер.

 

Реал во минатото ретко купуваше млади играчи, посебно тинејџери и често носеше веќе формирани играчи оставајќи им на другите екипи да развиваат таленти, но со последните двајца Бразилци погоди и Переа ја смени тактиката. Реал во 2018 година од Фламенго го купи Винисиус жуниор, кој веќе е стандарден првотимец со откупна клаузула од милијарда евра, а една година подоцна беше купен Родриго од Сантос, кој исто така игра одлично во Кралскиот дрес.

„Перес ја повтори стратегијата од минатото и ангажирањето на Винисиус и Родриго. Додека другите клубови спиеја, Реал работеше на случајот. Вистина е дека сè уште нема договор, но Кралевите се доближија многу блиску до играчот и неговата околина. Емисарот на Реал наводно веќе е во Сао Паоло и активно работи на реализација на трансферот. Планот на Реал е да се договори со бразилскиот клуб и да го остави младиот напаѓач во Палмеирас додека не наполни 18 години“, пишува „Марка“ и додава дека наскоро може да се очекува Реал да испрати официјална понуда.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести