Глобализација: Дури 137 фудбалери на СП ќе играат за земја во која не се родени!

На Светското првенство во фудбал кое почнува утре во Катар, во составите на 32-те репрезентации има дури 137 играчи кои настапуваат за земја во која не се родени.

Глобализацијата е феномен кој не може да се запре, уште од првото Светско првенство пред 92 години имаше фудбалери кои играа за земји во кои не се родени, но на Мундијалот во Катар бројката е рекордна, 137. На СП во Јужна Африка во 2010, имаше 77 такви играчи, на СП 2014 во Бразил беа 85, а во Русија пред четири години, имаше 82.

Само во тимовите на Аргентина, Бразил, Јужна Кореја и Саудиска Арабија, сите играчи се родени во тие земји.

Интересно е дека 55 фудбалери од вкупно 130 од африканските селекции, или 42,3 отсто, не се родени на Црниот континент, 33 од нив се родени во Франција. Но, има и 19 играчи (меѓу нив и Анси Фати, Камавинга, Мукоко, Алфонсо Дејвис, Вилијам Карвалјо) кои се родени во Африка, а играат за селекции од другите континенти.

Мароко е рекордер со 14 играчи кои не се родени во таа земја.

На СП ќе има и два братски тандеми поврзани во Шпанија, со тоа што Ињаки и Нико Вилијамс ќе играат за различни репрезентации (Ињаки ќе игра за Гана, Нико за Шпанија), а Сергеј и Вања Милинковиќ Савиќ заедно за Србија, иако и двајцата се родени во Шпанија.

Браќата Савиќ се во групата од десетина фудбалери кои се родени во други земји затоа што таму играле нивните родители спортисти. Има и такви кои се бегалци, се родиле далеку од дома, затоа што побегнале од војна.

Мундијалот ќе донесе и пресметки на играчи против земјата во која се родени. Така на пример Емболо со Швајцарија ќе треба да игра против Камерун, или Борјан да брани за Канада против Хрватска. Мароко со четворица Белгијци ќе игра против Белгија, Велс има деветмина родени во Англија, но нема да им биде проблем да играат против Гордиот Албион, а Тунис има дури 10 играчи родени во Франција кои имаат шанса да настапат против родната земја.

За да избегне натурализација, ФИФА воведе закон со кој за некој да добие странски пасош и да заигра за таа земја, мора таму да игра барем пет години по ред. За Катар играат играчи родени во осум различни земји.

Пепе е роден во Бразил, но ја одбра Португалија, Рахим Стерлинг е Англичанец од Јамајка. Оскар Дуарте е прв играч роден во Никарагва што ќе игра на СП, но во дресот на Костарика.

- Оглас -

Најнови вести