Го израмни 25 години стариот рекорд на Алан Ширер и сега е цел на големи клубови

Бен Бреретон Дијаз е фудбалер кој неколку години се обидуваше да го докаже својот квалитет. Роден во Англија, како дете започнува да тренира во Манчестер јунајтед, каде што поминува седум години, а потоа да замина во Стоук и Нотингам форест.

Тукму во Нотингам форест ја почнува и сениорската кариера, а како талентиран напаѓач одигра дури 19 меча за младинските селекции на Англија. Сепак, не доби шанса да заигра во сениорскиот состав на Гордиот Албион, а од Нотингам форест беше даден на позајмица во Блекбурн.

Три сезони се мачеше да ја најде вистинската форма и да докаже во Блекбурн дека е квалитетен фудбалер, а на крајот тоа му успеа сезонава. Во 24 меча сезонава, Дијаз постигна 20 погодоци и е фудбалерот кој блесна во Чемпионшип. Со овие 20 погодоци, Дијаз го израмни клупскиот рекорд на легендарниот Алан Ширер, кој во сезоната 1995/96 до Нова година имаше постигнато 20 погодци за Блекбурн, но тогаш клубот беше во Премиер лигата.

Дијаз, чија мајка е Чилеанка, доби покана да настапува за Чиле и тој во 2021 година веќе одигра девет меча во кои постигна три погодоци во дресот на репрезентацијата од Јужна Америка.

По 20-те постигнати голови во првиот дел од сезонава, Дијаз веќе е цел на повеќе англиски премиерлигаши. Њукасл, Тотенхем, Астон вила се дел од клубовите кои се спомнуваат како нови дестинации за Дијаз. Интересно е што за овој фудбалер интерес покажаа и екипи како Севилја, Борусија Дортмунд, Монако и Лион.

Актуелниот договор на Бреретон Дијаз со Блекбурн завршува на крајот од оваа сезона, што значи дека клубот во јануарскиот преоден рок најверојатно ќе го продаде голгетерот за да добие добра сума пари. Во спротивно, ако напаѓачот не го продолжи договорот, на крајот од сезоната ќе си замине како слободен играч.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести