Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ се пошегува за новиот стил на сервирање на Шпанецот Карлос Алкарас, кој е многу сличен на неговиот.
Една од најголемите промени на почетокот на оваа сезона кај светскиот рекет број 1 е сервисот кој значително го измени во текот на зимата за да ја зголеми неговата ефикасност. Мурсијанецот работеше на оваа иновација со Саму Лопез и сега користи техника што потсетува на онаа на Ѓоковиќ.
„Не се стремев кон истиот сервис како Ѓоковиќ. Но, на крајот дури и јас ги гледам сличностите. За мене сервисот е нешто што навистина сакам да го подобрувам секоја година, на секој турнир“, призна Алкарас.
Ѓоковиќ во свој духовит стил ги коментираше сличностите помеѓу неговиот сервис и оној на Шпанецот.
„Штом го видов неговиот сервис, му испратив порака дека треба да разговараме за авторските права. За секој ас што ќе го има тука, секоја победа, очекувам да ми плати. Ќе видиме дали ќе го почитува договорот“, рече на шега 24-кратниот освојувач на гранслем-турнирите, а со Алкарас може да се сретне на Отвореното првенство на Австралија само во финалето.

