Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ официјално ја заврши сезоната како број 1 на светската ранг-листа, а со 31 година и 223 дена тој е најстариот тенисер во историјата кој календарската година ја завршил на врвот.
Ѓоковиќ со пораз во финалето во Лондон ја заврши сезоната, но има солидна предност пред Рафаел Надал, кој е втор на листата.
Интересно е што подвигот на Новак е голем, затоа што во јуни, само пред половина година, тој беше подготвен и да крене раце од играњето тенис, беше на 22-рото место на АТП-листата, немаше ниедно финале во 2018, но по турнирот во Квинс, кога загуби во финалето од Марин Чилиќ, му се смени мислењето и одеднаш од губитник се претвори во победник.
Од тој 24-ти јуни до 18-ти ноември освои четири турнири, од кои два Гренд слема и на 38 меча, само трипати беше поразен. Врсниците лесно ги победува, а поразите му се од младите Циципас, Хачанов и Зверев.
Во првата половина од 2019, тој брани само 335 поени и има прилика драстично да ја зголеми предноста на АТП листата, а потоа ќе треба да се помачи да ја задржи.