Ѓоковиќ експрес, за час и половина го декласира Пуј за финале против Надал на АО

Новак Ѓоковиќ експресно го декласира Лукас Пуј за помалку од час и половина, и тоа само со 4 загубени игри во три сета и си закажа ново финале на Отвореното првенство на Австралија против Рафел Надал.

Српскиот тенисер одигра извонреден меч, и тоа во континуитет, и буквално го разнесе францсукиот тенисер. Почетокот беше исклучиво во знакот на Ѓоковиќ, го доби првиот сет со 6:0, а и потоа беше на посакуваното ниво и ги доби следните два сета со по 6:2.

Србинот е во обид да ја освои седмата гренд слем титула на Отвореното првенство на Австралија, а досега има вкупно 14. И повторно на гренд слем турнир ќе има финале на двајцата први фаворити, бидејќи Новак е прв носител, а Рафа стартуваше од позиција број два.

Двајцата досега имаат одиграно 53 меча, а Ѓоковиќ води со 28:25. Играа само едно финале меѓусебе во Мелбурн, во 2012 година и во извонреден меч победи српскиот ас со 3:2.

Надал вчера го победи Циципас убедливо со 3:0 во првото полуфинале и ќе се обиде да ја освои втората титула на Отвореното првенство на Австралија, по единствената што ја освои во 2009 година. Шпанецот има вкупно 17 пехари од четирите најценети тениски турнири и ќе се обиде да му се доближи на најтрофејниот на сите времиња, Роџер Федерер, кој има 20.

- Оглас -

Најнови вести