Натпреварот во двојки ќе го одлучи победникот на првиот АТП куп во тенис, кој се игра во Австралија. Шпанија поведе со победата на Баутиста Агут над Лајовиќ од 7-5, 6-1, а Србија изедначи откако Ѓоковиќ во дербито го совлада Надал со 6-2, 7-6.
Рафа не знае за победа (нема ни освоен сет) над Новак на тврда подлога уште од 2013 година. Сега скорот во меѓусебните дуели е 29-26 за Србинот кој во моментов е второпласиран на АТП листата, веднаш зад Надал.
Ѓоковиќ нема многу време за одмор, ниту за славење. Наскоро тој треба да ја почне одлучувачката битка за титулата. За Србија ќе играат Ѓоковиќ и Троицки, а шпанскиот дубл ќе го сочинуваат Фелисијано Лопес и Карењо Буста. Требаше да игра Надал, но тој се повлече и местото му го препушти на Лопес.