Ѓоковиќ објасни како успеа да загуби на меч на кој беше апсолутен фаворит: Се чувствував одвратно

Новак Ѓоковиќ во осминафиналето го заврши настапот на Мастерс турнирот во Монте Карло, откако неочекувано загуби од Даниел Еванс од Велика Британија. По повеќе од два часа игра, Ѓоковиќ беше поразен со 6:4, 7:5, а Еванс за прв пат во кариерата се израдува на победа против тенисер кој е во Топ 5 на АТП листата. Ноле не само што е во Топ 5, туку е убедливо на врвот од светската листа.

По мечот, Ѓоковиќ призна дека заслужено загубил и објасни дека ова е еден од неговите најлоши мечеви во последните неколку години.

„Ова беше едно очајно мое издание. Не можам ниту една позитивна работа да извлечам од мечот. Навистина ми остана горчина тоа што на ваков начин си заминав од турнирот. Еванс заслужено победи. Играше поквалитетно, а подобар беше и во одлучувачките моменти. За мене, ова е еден од најлошите натпревари во последните неколку години. На теренот се чувствува одвратно“, рече Ѓоковиќ по поразот од 33-тиот на АТП листата, Еванс.

За разлика од Ѓоковиќ, првиот фаворит на турнирот на земја, Рафаел Надал, без никакви проблеми се пласираше во четвртфиналето откако со убедливи 6:1, 6:1 го елиминираше Бугаринот Григор Димитров по само 56 минути игра.

- Оглас -

Најнови вести