Ѓоковиќ победи со пресврт на стартот од Ролан Гарос

Новак Ѓоковиќ се пласираше во второто коло на Ролан Гарос, откако во Париз со пресврт го совлада домашниот тенисер Џовани Мпетши Перикар со 5:7, 7:5, 6:1, 6:4.

Српскиот тенисер до победата стигна по бавен влез во мечот и во атмосфера во која публиката силно го поддржуваше 22-годишниот Французин. Клучниот момент се случи по еден час и 45 минути игра, кога Ѓоковиќ првпат му го одзеде сервисот на ривалот и израмни на 1:1 во сетови.

Мпетши Перикар, кој е 80-ти тенисер во светот, во првиот сет доминираше со силниот сервис и поддршката од трибините, а сетот го заврши со два аса по ред, од кои едниот беше измерен со брзина од 223 километри на час.

Ѓоковиќ првата брејк-топка ја искористи дури од десеттиот обид, кога вториот сет го заврши со дроп-шот што Французинот не успеа да го врати.

По тоа, мечот целосно премина на страната на 39-годишниот српски ас, кому ова му беше само втор настап на земјена подлога сезонава. Во претходниот меч на земја загуби од Дино Прижмиќ на Мастерсот во Рим, по двомесечна пауза поради повреда на десното рамо.

Самото излегување на теренот два дена по неговиот 39-ти роденден му донесе нов рекорд на Ѓоковиќ — 82 настапи на Гренд слем турнирите во машка конкуренција.

Воедно се израмни со Ришар Гаске и Антоан Жентијан по бројот на настапи на Ролан Гарос, каде игра по 22-ри пат. Турнирот во Париз го освојуваше во 2016, 2021 и 2023 година.

- Оглас -

Најнови вести