Новак Ѓоковиќ се избори за полуфинале на првиот овогодишен АТП-турнир, Мастерс 250 во Доха, откако со 2-1 во сетови беше подобар од Николоз Басилашвили. Апсолутниот фаворит на средбата мораше добро да се намачи за да остане непоразен откако Грузиецот поведе со 1-0 во сетови.
Ѓоковиќ го имаше првиот сервис на стартот од вториот сет, а по направениот брејк, создаде удобна предност од 3-0 во гемови за набрзо потоа да изнуди решавачки сет. По кратката пауза, Србинот со обновени сили веднаш направи брејк, но Басилашвили му возврати со иста мера веќе во вториот гем од третиот сет.
При третото сервирање на Грузиецот, најдобриот светски рекет дочека да направи уште едн брејк, а по 3-2 во гемови, Новак до крајот беше сигурен и осигури пласман меѓу четворицата најдобри искористувајќи ја првата меч-топка.
За борба во финалето, Ѓоковиќ ќе игра против Роберто Баутиста Агут, кој беше подобар од Стен Вавринка со 2-0 во сетови во првата четврт-финална пресметка на турнирот кој се игра во Доха, Катар.