Ѓоковиќ тргна фуриозно со 6:0 за 29 минути и потоа го играше најдолгиот гем во кариерата (Видео)

Новак Ѓоковиќ го играше првиот тениски меч на АТП-турнир по пауза од речиси три месеци и лесно го победи Пабло Андухар со 6:0, 6:3 во Тел Авив, Израел.

Првиот сет траеше само 29 минути и еден од најдобрите играчи на светот го доби многу лесно со 6:0, само со 13 загубени поени.

Ова е вторпат по ред Ѓоковиќ да добива прв сет со 6:0 против Андухар, а во трите меѓусебни дуели досега билансот против Шпанецот му е 6:1, 6:0, 6:0 во првиот сет на трите меча.

Андухар се разбуди во вториот сет и одигра многу подобро, а откако Ѓоковиќ поведе со 1:0, се играше и најдолгиот гем на мечот.

По пет спасени брејк топки, Андухар ја искористи дури осмата гем топка и израмни на 1:1 во вториот сет по цели 22 минути игра само во тој гем.

„Андухар одигра добро во вториот сет, а вториот гем веројатно е и најдолгиот во мојата кариера. Не паметам да сум играл толку долго еден ист гем“, рече Ѓоковиќ.

Сепак, до крајот Србинот ја потврди класата и го доби и вториот сет со 6:3 за конечна победа од 2:0 по еден час и 27 минути игра.

Во четвртфиналето Ѓоковиќ ќе игра против Вацек Поспишил.

 

- Оглас -

Најнови вести