Двајцата најтрофејниот тенисери според бројот на освоени Гренд слем титули, Новак Ѓоковиќ и Рафаел Надал ќе играат за последен пат и тоа на егзибицискиот турнир во Саудиска Арабија, во Ријад. Тоа ќе биде 61-ви нивни дуел, а потоа Надал оди во пензија.
За разлика од Надал, Ѓоковиќ уште не размислува да се пензионира и вели дека уште има мотив за игра.
„Длабоко во душата чувствувам дека можам да освојам уште една Гренд слем титула. Тоа што и понатаму ме мотивира да се натпреварувам, посебно на гренд слем турнирите е чувството дека уште сум кандидат за освојување на трофеј. Истотака сакам да продолжам да играм за Србија во Дејвис купот. Тенисот уште ми останува најголема платформа на која можам да правам и некои други работи, да делам пораки без разлика дали тоа се за тенисот, општеството како целина, некој деловен подвиг или што било друго. Уште чувствувам дека уживам во тој процес и тоа ми носи бенефит. Затоа ќе продолжам да се натпреварувам“, рече Ѓоковиќ.
Иако знае дека многумина го советуваат да се повлече додека е на врвот, тој вели дека уште има време пред да каже „збогум“.
„Некои ми велат дека треба да се повлечам сега додека сум на врвот. Други кажуваат дека треба да играм додека чувствувам дека имам шанси да се борам за трофеите. Јас сум поблиску со размислувањето до овие вторите. Сакам да продолжам. Жал ми е за оние кои чекаат да се повлечам, затоа што ќе мора да ме гледаат уште некое време“, додава српскиот тенисер.