Тренерот кој пред еден месец му ја донесе седмата титула на МЗТ Скопје Аеродром, Ѓорѓи Кочов, и во следната сезона ќе седи на клупата на „штрковите“, објавија од клубот.
„Ова е дополнителна потврда на заложбите на управата на клубот за давање шанса на младите домашни тренери, кои, пак, во иднина би биле столб и на македонската кошарка во целост и за продолжување на стратегијата за форсирање млади македонски кошаркари, кои и во следниот период ќе добијат шанса за промоција и за напредување“, велат од МЗТ.
Кочов е шестиот стратег кој успеал да го донесе шампионскиот пехар во „Јане Сандански“ (по Тодоров, Пипан, Мартич, Јончевски и Назор) и само четвртиот тренер во Македонија кој може да се пофали со триумф во домашното првенство и како играч и како тренер (по Давитков, Рајковиќ и Јончевски). Кочов, кој има 34 години, во сино-белиот табор дојде во текот на предминатиот шампионат, а за него ова ќе биде втора сезона која ја почнува како предводник на МЗТ Скопје.
Во МЗТ се работи на формирање тим за следната сезона во која клубот повторно ќе игра и во АБА 2 лигата.