Ѓорѓиев: “Полска е најдобрата репрезентација на светот. За Македонија ќе играм и на ЕП 2026“

Македонија очекувано загуби со максимални 3-0 од светскиот вицешампион и освојувач на Светската лига, репрезентацијата на Полска. Капитенот Никола Ѓорѓиев вели дека нема разочарување, резултатот е очекуван и ќе биде една насока за помладите играчи до кое ниво може да стигнат.

– “Знаевме дека Полска е без конкуренција најдобра во нашата група и тие веројатно ќе бидат европски шампиони. Тие со италија се најголеми фаворити за титулата. Не го знаев составот со кој ќе играат, но знаев дека кој и да игра ќе бидат фаворити. Нашите млади момци ја почувствуваа атмосферата и можеа да видат каде ќе стигнат со многу труд и работа и дисциплина. Мене ми е гордост да играм за Македонија, горд сум и на сите што цело лето работаме. Само Господ да ме чува, да немам повреди за да продолжам да играм за репрезентацијата и да играм и на четврто Европско првенство по ред, она во 2026-тата година. Ова за мене е 152-ри натпревар за репрезентацијата, се надевам дека ќе имам уште многу натпревари за репрезентацијата. Мислам дека со ова домаќинство и трите учества по ред на европските првенства направивме многу за одбојката, ја кренавме на едно повисоко ниво и многу млади деца ќе започнат да тренираат одбојка.“ – изјави капитенот Никола Ѓорѓиев после поразот од Полска.

Македонија во вторник во 17 часот ќе игра против Холандија во четвртото коло од Европското првенство кое се игра во Скопје.

- Оглас -

Најнови вести