Готово е: Мурињо е нов тренер на Реал Мадрид

Враќањето на Жозе Мурињо на клупата на Реал Мадрид е договорено, тврди најпознатиот фудбалски светски инсајдер Фабрицио Романо.

„Сите услови усмено се договорени меѓу Реал Мадрид и Жозе Мурињо. Останува само да се потпишат документите. Планирано е почетен двогодишен договор, а Мурињо треба да отпатува во Мадрид по завршување на мечот од последното коло во шпанското првенство меѓу Реал и Атлетик Билбао“, открива Романо.

Изборот на Мурињо за нов предводник на кралскиот клуб се надѕира како логичен одговор на тоа дека е потребна цврста рака да воспостави ред меѓу фудбалерите и во соблекувалната.

Актуелниот стратег на Реал, Алваро Арбелоа ќе ја напушти тренерската клупа по завршување на сезоната. Тој беше донесен како принудно решение по заминувањето на Чаби Алонсо од клупата. Алонсо издржа само неколку месеци, а потоа ја загуби контролата во соблекувалната, дел од клучните играчи се свртеа контра тренерот и мораше да има смена.

Ни со доаѓањето на Арбелоа ситуацијата не се промени на подобро. Се вели дека во Реал постојат кланови, а дека атмосферата е ужасна се потврди со тепачката која се случи на тренинг меѓу Валверде и Чуамени. На крајот Валверде заврши во болница, а двајцата играчи беа казнети со по 500.000 евра.

Реал Мадрид сезонава ја заврши без трофеј, па главна задача на Мурињо ќе биде да ги врати пехарите во витрините на шпанскиот гигант. Мурињо сезонава беше на чело на Бенфика, тим со кој заврши без ниту еден пораз во првенството, но сепак на крајот заврши на третата позиција и не успеа да обезбеди ниту место во Лига на шампиони за следната сезона.

- Оглас -

Најнови вести