Халилхоџиќ сам им се спротистави на хулиганите: Бев во војна, ова не е ништо (Видео)

Легендата на Нант, 74-годишниот Вахид Халилхоџиќ се врати од пензија за да му помогне на својот сакан клуб да избегне испаѓање во втората лига. За негова жал, Нант не успеа да се спаси и уште пред одигрување на последното коло беше јасно дека екипата ќе се пресели во понизок ранг. На последниот меч на свој терен, Нант го дочека Тулуз а дуелот немаше резултатско значење.

Навивачите на Нант, односно навивачката група „Бригада Лоара“, влезе на стадионот 45 минути пред почетокот на натпреварот и ги дочека фудбалерите на Нант со свирежи. На крајот од загревањето, играчите и тренерскиот штаб формираа ред за да му оддадат почит на Вахид Халилхоџиќ, кој се збогува со својата тренерска кариера. На центарот на теренот беше пречекан од неговиот син и двете внуци. Босанскиот тренер беше пречекан со овации од целиот стадион, а неговото име беше скандирано и од домашните ултраси.

Сепак, убавата атмосфера беше претворена во безредие кое се случи во 22 минута од мечот. Ултасите на Нант најпрво започнаа да фрлаат факели на теренот, а потоа и втрчаа на игралиштето со единствена цел, да не дозволат средбата да се доигра.

Фудбалерите на двата тима и судиите веднаш се упатија кон соблекувалните, а единствено на теренот остана тренерот на Нант, Халилхоџиќ. Тој буквално сам се спротистави на ултрасите и влезе во жестока вербална расправија со нив. Кога редарите побарале од Халилхоџиќ да го напушти теренот бидејќи е небезбедно тој само им одговорил „Бев во војна, ова не е ништо“.

- Оглас -

Најнови вести