Гриезман не дозволи бламажа на Триколорите (видео)

Унгарија го задржа првиот фаворит за освојување на ЕП, националниот тим на Франција, на реми од 1-1 во мечот од второто коло од групата Ф. Драгоцен бод освоија безстрашните Унгарци пред преполната „Пушкаш арена“ во Будимпешта, кои воопшто не се уплашија од светскиот првак и го натераа да се мачи до последно за да не претрпи бламажа.

Атила Фиола пред паузата предизвика ерупција на трибините откако го совлада Љорис и по 528 минути ги натера Французите да ја вадат топката од својот гол.

Јасно беше дека фудбалерите на Дешамп ќе навалат кон голот на Гулашчи во вторите 45 минути, но не можеа лесно да го пробијат одбранбениот бедем на противникот. Унгарија успешно се бранеше нешто повеќе од еден час, а потоа еден контранапад започнат од голманот Љорис, кој проследи долга топка до Мбапе, а овој му намести рутинска завршница на Гриезман во 66-тата минута.

Франција по два меча има четири бода кои многу веројатно гарантираат пласман во нокаут фазата, но истиот ќе треба да се потврди против актуелниот бранител Португалија во последното коло од групите.

- Оглас -

Најнови вести