Антоан Гризман летово си оди од Атлетико Мадрид и ќе се пресели во Орландо сити, а преку социјалните мрежи го коментираше своето заминување од клубот во којшто играше од 2014 до 2019 година, и од 2021 до сега.
„Тешко ми е да ги опишам моите чувства со зборови бидејќи овој клуб е мојот дом, а вие сте моето семејство. Беше неверојатно патување, полно со незаборавни натпревари, голови, радост и страст што само оние од нас кои навистина го сакаат Атлетико можат да ја разберат.
Но, да ја оставиме иднината засега: бидејќи сè уште не си одам. Сè уште имам уште неколку месеци во овој дрес, месеци да дадам сè од себе и дома и на гости, да го кренам Купот на кралот и да одам што подалеку во Лигата на шампионите.
Сè уште имаме многу можности да бидеме среќни. Сакам секоја минута што ми преостанува овде да биде почит кон овој амблем. Најдоброто допрва доаѓа. Ќе го направиме тоа, како и секогаш, заедно. Ќе останам црвено-бел до последниот здив од сезоната 2026. А, моето срце ќе биде со клубот засекогаш. Напред Атлетико!“, изјави Гризман.

