Манчестер сити немаше сили до последното коло да се бори за титулата во Премиер лигата. Граѓаните синоќа ремизираа 1:1 на гости кај Борнмут и на тој начин, во пресрет на последните 90 минути од англиското првенство за оваа сезона, ја решија најважната дилема, а тоа е кој ќе биде шампион. Арсенал по пауза од 22 години се радува на пехарот во англиското првенство, а тренерот на Сити, Пеп Гвардиола, уште еднаш потврди дека е голем спортсмен и коректно им честита.
„Од името на Манчестер сити сакам да им ја честитам на Арсенал, на тренерот Микел Артета и на целиот нивен штаб, целосно заслужената титула во Премиер лигата. Артета вложи многу работа и труд за да го постигне тоа. Честитки за него“, рече Гвардиола по ремито на Сити кај Борнмут.
Што се однесува за мечот против Борнмут, Гвардиола потенцираше колку неговите фудбалери биле поуморни за разлика од домашните играчи, кои биле многу мотивирани да стигнат барем до еден бод. Шпанскиот стратег немаше никакви забелешки за неговите фудбалери за тоа што го направија во текот на целата сезона.
„Играчите го дадоа максимумот на секој меч сезонава. Се бореа машки до самиот крај. Бевме блиску, но не успеавме. На дуелот против Борнмут ни недостасуваше свежина. Тие имаа дури 12 дена да се подготват, додека ние едвај три дена, плус мораше да патуваме. И покрај сѐ, се боревме до крајот“, додаде Гвардиола.
По неуспехот да се освои титулата, главна тема сега во Сити е дали Гвардиола ќе остане на чело на екипата и следната сезона. Многу гласни се шпекулациите дека Шпанецот ќе си замине, а дури почнаа претпоставки за тоа каде може да ја продолжи кариерата во следната сезона.

