Манчестер сити без многу проблеми со 3:0 славеше над Кристал палас во заостанат меч од 31-вото коло во Премиер лигата, па сега, на две кола до крајот, дојде само на два бода зад лидерот Арсенал. Тренерот на Сити, Пеп Гвардиола, знае дека неговиот тим е во подредена ситуација кога се работи за освојување на титулата во домашното првенство, но шпанскиот стратег не се предава сè додека има шанса да се стигне до врвот.
„Сѐ зависи од Арсенал. Ако тие победат во последните два меча, нема за што да зборуваме, за што да размислуваме. Сепак, нам ни останува да победуваме за секој случај и да бидеме подготовени ако се укаже шанса“, рече Гвардиола.
Покрај последните два меча во првенството, Сити сега треба да се подготви за финалето во ФА купот. Веќе в сабота, на „Вембли“ во Лондон, Граѓаните ќе играат против Челзи, што значи дека имаат едвај 72 часа да се одморат.
„Сега целосно ќе се фокусираме на финалето во ФА купот. Мора добро да се одмориме и брзо да се подготвиме. ФА купот е натпреварување со огромен респект. Последните две финалиња во ФА купот ги загубивме. Сега одиме на победа. Знаеме дека Челзи не е баш во најдобра форма, но сигурно и тие ќе го дадат најдоброто“, вели Гвардиола за следниот меч кој може да донесе пехар во клупските витрини.

