Реал Мадрид се наоѓа во фокусот на нова институционална и спортска тензија, откако клубот влезе во отворен конфликт со Ла Лига, Барселона и дел од шпанските медиуми, по последните изјави на претседателот Флорентино Перес.
Перес на последната прес-конференција реагираше остро, обвинувајќи за организирана кампања против него и клубот, при што најави дека е подготвен да оди на избори за претседател на Реал Мадрид со цел да ја потврди својата позиција и легитимитет.
Само неколку дена подоцна, таа најава доби и официјална потврда. Клубот објави дека започнува процедурата за избор на нов претседател, со што формално се отвора политичкиот процес во рамки на Кралскиот клуб.
Според утврдениот календар, од 14 до 23 мај ќе трае периодот за поднесување кандидатури. Доколку има повеќе пријавени кандидати, на 23 мај ќе биде соопштен датумот на изборите. Ако пак се појави само еден кандидат, тој автоматски ќе биде потврден за нов мандат.
Во меѓувреме, шпанските медиуми веќе шпекулираат дека потенцијален противкандидат би можел да биде Енрике Рикелме Вивес, долгогодишен симпатизер на клубот и бизнисмен со значително влијание, кој наводно има амбиции да се вклучи во борбата за челната позиција во најтрофејниот клуб во Шпанија.

