Каталонскиот гигант Барселона беше домаќин на Монако во меч од „Жоан Гаспарт купот“, кој традиционално е подготовка за стартот на новата сезона. Ова е прв меч на Барселона пред својата публика, а по добрите игри и резултатите на американската турнеја, сега следуваше шок.
Монако победи убедливо со 3:0 во мечот на кој новиот тренер на Барселона, Ханси Флик, првпат го водеше тимот пред своите навивачи, а истовремено беше и промоција на новото големо засилување Дани Олмо.
Барселона на стартот започна со солиден состав во кој на теренот се појавија Тер-Штеген, Кунде, Кристенсен, Мартинес, Балде, Рафиња, Левандовски… Во првото полувреме немаше голови, а Пау Виктор промаши зицер за водство на Барселона.
Во второто полувреме Камара го пресече лошото додавање на Мартинес и погоди за 1:0, а само седум минути подоцна веќе беше 2:0 за Монако по погодокот на Емболо. Монако немаше милост кон домаќинот и со голот на Елеби во 86-тата минута стигна до 3:0 и убедлива победа.

