Враќањето на Жозе Мурињо во Реал Мадрид е тема што со недели доминира во шпанските медиуми, а сега за првпат се огласи и тренерот на Барселона, Ханси Флик.
Според бројни најави, Мурињо е многу блиску до враќање на „Сантијаго Бернабеу“, каде треба да го наследи Алваро Арбелоа. Со тоа Реал повторно би добил тренер познат по големите дуели против Барселона и жестоките Ел Класика од минатото.
Флик по последниот натпревар сезонава зборуваше за можниот дуел со Мурињо и јасно порача дека таков предизвик воопшто не го плаши.
„Да, зошто да не? Тој е тренер на противничкиот тим, а јас секогаш сум подготвен да се соочам со секого“, изјави германскиот стратег.
Со ваквата реакција Флик покажа дека нема намера да создава дополнителна драма пред стартот на новата сезона, но јасно е дека очекува исклучително тешки дуели против најголемиот ривал.
Можниот камбек на Мурињо во Мадрид многумина ги потсети на периодот кога неговите пресметки со Пеп Гвардиола беа главна тема во европскиот фудбал. Тогаш Ел Класико беше многу повеќе од обичен натпревар, а тензиите се чувствуваа и надвор од теренот.

