Многумина никогаш не слушнале за Дин Џејмс, но токму тој може да предизвика хаос во холандската Ередивизие. Холандски играч кој настапува за тимот на Го Ахед Иглс, е репрезентативец на Индонезија и има шет настапи.
Неговата одлука да ја претставува Индонезија може да има домино ефект врз првенството на Холандија, бидејќи можеби играл како фудбалер без право за настап. Сè кулминираше откако НАЦ Бреда претрпе пораз од Го Ахед Иглс на 15 март. Веднаш по тој натпревар, беше презентирана информација во подкаст што ги збуни апсолутно сите.
Рогиер Џејкобс тврдеше дека НАЦ Бреда може да добие службена победа против Го Ахед Иглс и тоа затоа што играл Џејмс, а немал право на тоа.
„Ако сте холандски играч со индонезиски корени, можете да изберете да играте за Индонезија. Таму добивате пасош, но она што многу играчи и клубови не го знаат е дека во некои случаи ќе мора да се откажете од вашето холандско државјанство. Ако НАЦ дознае за тоа и поднесе тужба, тогаш овој натпревар би можел да заврши со нивна победа“, тврдеше Џејкобс.
Неколку дена по тој подкаст, НАЦ Бреда се пожали до челниците на тамошната фудбалска федерација (КНВБ) за оваа ситуација, а оттогаш ситуацијата доведе до тоа околу 25 играчи да се пријават за „скандалот“ околу двојното државјанство. Играчите кои се вклучени доаѓаат од Индонезија, Суринам и Зелено’ртски Острови, кои не биле свесни за овој закон во Холандија.

Во понеделник се очекува пресудата на судот во Утрехт за случајот помеѓу НАЦ Бреда и КНВБ, и ако судијата пресуди во корист на НАЦ, тогаш би можеле да се преиграат најмалку 133 натпревари.
КНВБ и надзорниот одбор на Ередивизие го отфрлија барањето на клубот за повторување, бидејќи ниту Џејмс ниту Го Ахед Иглс не знаеле дека тој нема соодветна дозвола. Сепак, адвокатите велат дека се уверени дека Бреда има добри шанси да ја поништи одлуката на КНВБ по жалбата.
Судот во Утрехт ќе ја разгледа жалбата и во зависност од нивната одлука, во холандскиот фудбал би можел да се случи хаос. Тоа би можело да резултира со распоред на Ередивизие за кој челниците на Федерацијата стравуваат дека никогаш нема да биде комплетиран, особено со оглед на тоа што Светското првенство се одржува ова лето.

