Хари Наковски е нов селектор на одбојкарската репрезентација на Македонија

Поранешниот репрезентативец Хари Наковски е нов селектор на одбојкарската репрезентација на Македонија. Тој ќе ги предводи нашите најдобри одбојкари на настапот во златна Европска лига на ЦЕВ, но и во квалификациите за пласман на Европското првенство во 2026 година.

Наковски доаѓа на местото на Јошко Миленкоски, кој на минатото Европско првенство ја предводеше Македонија до осминафиналето.

„Сакам да упатам благодарност до ОФМ, голема чест е да се наследи и да се работи со Јошко како наше најголемо тренерско име. Се надевам дека со добро здравје и со добра работа ќе ја исполниме целта“, рече новиот селектор Хари Наковски.

На презентацијата присуствуваше и Јошко Миленкоски, кој останува како советник во репрезентацијата.

„Оваа сала, овој хотел, ова место буди големи спомени, тука ги ковавме нашите резултати на последноо ЕП. Тоа беше најубавиот дел од мојата тренерска кариера и сега веќе можам слободно да размислувам за тренерска пензија. Мене ми е време полека да се повлекувам, а со големо задоволство ја предавам палката на Хари, тренер којшто ми помогна мене како селектор и на сите играчи да го дадеме најдоброто. Верувам дека Хари со своите помошници и со моја помош, сега од еден друг агол во насока на логистика, совет, поддршка итн. ќе биде успешен, а јас на тој начин ќе бидам дел од нашиот следен успех“, рече Миленкоски.

Македонските одбојкари ќе се соберат на 2 мај, ќе тренираат во Струмица до 8, кога ќе отпатуваат на пријателски натпревари со Романија. Потоа ќе се вратат во салата „Парк“ и ќе тренираат до почетокот на Европската златна лига на 17-ти, со првиот турнир на којшто ќе им бидеме домаќини на Чешка и на Естонија. Следните два се во Белгија и во Хрватска. Во август се два од четирите натпревари во квалификациите за ЕП 2026. Акцентот ќе биде ставен токму на нив, затоа што преку Грузија и Грција, Македонија бара шанса за четврти континентален собир по ред.

Состав на македонската одбојкарска репрезентација:

Техничари: Ѓорѓи Ѓорѓиев (Бурса-Турција), Давид Стојанов (Фужинар-Словенија)

Коректори: Никола Ѓорѓиев (АЦХ Љубљана – Словенија), Стојче Арсов (Работнички 71&22), Кристијан Илиев (Струмица 47&72)

Примачи: Владо Милев (Струмица 47&72), Лука Костиќ (Рибница – Србија), Стојан Илиев (Анагенисис – Кипар), Тоше Ефремов (Весна Пробиштип)

Средни блокери: Филип Маџунков (Хасроде – Белгија), Филип Савовски (Војводина – Србија), Филип Лепидовски (Таково – Србија), Михајло Мирасчиев (Штип УГД)

Либера: Дарко Ангеловски (Работнички 71&22), Костадин Ричлиев (Штип УГД)

Распоред на натпревари во Европска златна лига 2024:

17.05.2024 (Струмица, 20.15): Естонија – МАКЕДОНИЈА

19.05.2024 (Струмица, 20.15): МАКЕДОНИЈА – Чешка

25.05.2024 (Беверен, 17.30): МАКЕДОНИЈА – Азербејџан

26.06.2024 (Беверен, 15.00): Белгија – МАКЕДОНИЈА

31.05.2024 (Осиек, 19.00): МАКЕДОНИЈА – Хрватска

01.06.2024 (Осиек, 19.00): Шпанија – МАКЕДОНИЈА

- Оглас -

Најнови вести