Хет-трик вртелешки на Лацио – Пресвртите им станаа заштитен знак на Бјанкочелестите

Екипата на Лацио се специјализира за пресврт на натпреварите во Серија А во посткорона ерата и на третиот меч по рестартот на Калчото, одигра 1 во 2 или 2 во 1.

Новата вртелешка на второпласираниот тим во Калчото се случи вечерва во Торино, каде што Лацио губеше со 0:1 против седумкратниот првак по првото полувреме, но победи со 2:1.

Чиро Имобиле и Марко Пароло со голови во вториот дел му донесоа триумф на гостинот од Рим. Лацио и претходно на идентичен начин успеа да победи со Фиорентина, но на домашен терен, а со пресврт загуби во дербито со Аталанта, кога прокоцкаа предност од 2:0 и загубија во Бергамо со 3:2.

Торино поведе со голот од пенал на Белоти во четвртата минута, но потоа фаворитот притисна и успеа да победи. Чиро Имобиле го постигна 29-тиот гол во 29 кола во Серија А и остана главен кандидат за Златната копачка сезонава.

Пароло го заврши новиот, трет пресврт во три кола по ред за Лацијалите, кои остануваат во трката за титулата со Јувентус и Интер.

Лацио има 68 бода, еден помалку од Јувентус, но со меч повеќе. Интер е трет со 61 бод на 28 натпревари. Торино има 31 бод, само шест над зоната за испаѓање на 9 кола до крајот на првенството.

- Оглас -

Најнови вести